Под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од денес до 31 август 2011 година во Охрид, ќе се одржи втората „Школа за млади лидери“, на која ќе учествуваат 37 млади луѓе од целата земја.Школата, која за прв пат беше организирана во 2010 година, е наменета за млади луѓе со завршено високо образование, кои имаат желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција, и културната и религиска диверзификација.-информираат од Кабинетот на претседателот.
Програмата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.
Реализацијата на школата е во целост поддржана од приватниот сектор преку донации.











