Во текот на вчерашнит ден, делегати од регионот на Злин во соработка со партнерите –  градот  Gbely и Музејот Masaryk во Hodonin, пред претставниците на локалната самоуправа и државните институции го презентираа проектот „Европските културни корени на Св. Кирил и Методиј, продолжување на патот“, во рамките на програмата INTERREG IVA.

Воспоставувањето на организација под името „Европскиот пат на Светите Кирил и Методиј“е важен чекор кон ефикасно управување и спроведување на културниот пат, но исто така и за исполнување на барањата на програмата за култура при Советот на Европа.

Како што велат од општина Охрид, преку организацијата ќе се зближат градови и региони кои се учесници на проектот, како и образовно-истражувачки институции чии права и обврски ќе бидат уредени со Статутот на организацијата.

Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасевски, даде уверување дека во иднина на ваквите проекти ќе се постапува со особено внимание и во иднина нема да изостанат, затоа што Охрид како колевка на културата заслужува особено внимание.

Во однос на одржливоста на резултатите од  проектот, истакнато беше дека планирано е создавање на организација која понатаму ќе се проширува и ќе ги зголемува активностите од овој проект.

Исто така, потенцирано е дека целта на проектот ќе биде исполнета во пет области и тоа, соработка во истражување и развој, засилување на поврзаноста, историјата и европското културно наследство, културна и образовна размена на млади Европјани, сегашната култура и уметничка пракса и културен туризам и одржлив развој на културата.

Во проектот ќе бидат инволвирани, Зоран Вељаноски – претседател на УО на Охридско лето, Тања Бунташеска Паскали- директор на Националната Установа Завод и Музеј, како и Сашо Коруновски- декан на Факултетот за туризам и угостителство.

Инаку, делегацијата од Злинскиот регион оствари средба и со  градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

OhridNews