Презентирани придобивките за граѓаните кои примаат гарантиран минимален приход и за компаниите кои ќе ангажираат граѓани од ранливите категории пред бизнисмените во Охрид. Целта е намалување на долгорочната невработеност и зависноста од гарантираниот минимален приход.

Ранливите групи на пазарот на труд се вклучуваат во специјализирани програми и услуги за развој на вештини. Со оваа реформа, најзагрозените категории од сиромаштија, односно тие што не се активни подолго време и се под социјална заштита, ќе се вклучат на пазарот на труд, објасни Наташа Здравковска, координатор на проектот.

Според неа, граѓаните ќе добијат услуги за советување и мотивација (СИМ програма) преку психосоцијална и менторска поддршка како прва компонента на проектот.

По ова ќе следува вклучување на пазарот на труд преку обуки и вработување преку 4 активни мерки, како што се обуки за побарувани занимања, обука кај познат работодавач, практикантство и субвенционирано вработување, вели Здравковска.

Во реализација на проектот учествуваат Центрите за вработување и Центрите за социјална работа, кои меѓу себе комуницираат преку систем за електронска размена на податоци за подобра селекција и ефикасност на процесот, како и бизнис заедницата на локално ниво.

Во проектот се вклучени повеќе од 1500 лица корисници на гарантирана минимална помош, од кои досега најмалку 5 проценти веќе се вработени. Реализацијата на проектот обезбедува информации за ранливите категории граѓани, како што се нивниот став, менталитет, уверувања и предрасуди, што ќе бидат основа за прилагодување на активните мерки и услугите на двете институции за да се постигнат подобри резултати на теренот.

Проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ се реализира од страна на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и финансиски е поддржан од Европската унија.

OhridNews