Околу 120 пензионери од Македонија во текот на претстојниот викенд ќе одмараат во Охрид како дел од проектот на Владата за бесплатен туристички викенд. Тие се дел од првата група на пензионери кои годинава ќе ја искористат оваа можност.

Втората група на пензионери на викенд во Охрид ќе престојува од 11-ти до 13-ти март, третата група е планирана во периодот од 18-ти до 20-ти март, а четвртата група ќе престојува во периодот 25-ти до 27-ми март. Петтата група на пензионери во Охрид ќе пестојува во периодот од 1-ви до 3-ти април, шестата од 8-ми до 10-ти април, а седмата група од 15-ти до 17-ти април. Според списокот на корисници кој го објави Министерството за труд и социјална политика, пензионерите ќе бидат сместени во Извидничкиот хотел во Далјан и во хотелот „Амбасадор“.

Освен во Охрид, во рамки на пролетната програма, по неколку групи на пензионери ќе одат на бесплатен викенд и во хотел „Полин“ во Дојран, во хотел „Вип“ во Берово и во хотелот „Лејк Вју“ во Отешево.

Со проектот Бесплатен туристички викенд е планирано да се опфатат до 3.000 корисници на пензија, односно лица – корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија. Викенд престојот вклучува услуга од 2 полни пансиони и автобуски превоз до хотелскиот објект.

Приоритет е даден на пензионерите коишто имаат понизок износ на пензии, лицата кои се подолго време во пензија, пензионерите кои пред пензионирањето работеле во рудници со подземен ископ и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок процент на инвалидност, односно над 80 отсто, лицата корисници на право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице,  додаток за мобилност и додаток за слепило.

OhridNews