Во сабота на 20-ти август во 20:00 часот во Охрид ќе се одржи промоцијата на книгата „Предизвици во хирургијата на урогениталниот систем, трансплантацијата и медицината”- Зборник на научни трудови посветен на акад. Живко М. Попов по повод 70 години од неговото раѓање.

Промоцијата е дел од научната и уметничка визита што се одржува во „Куќата на Уранија-МАНУ” во Охрид.

Акад. Живко Попов е роден на 23 јуни 1950 год. во Кавадарци. Основно училиште и гимназија (Ј.Б.Тито) завршил во Битола, а Медицински факултет во Скопје во 1976 година. На Клиниките за хируршки болести (Клиника за урологија, Доц.др.Иван Влашки) при Медицинскиот факултет во Скопје се вработил во 1977 година. Едногодишната воена обврска ја обавил во 1977/78 год. во 47 класа на Санитетската офицерска школа (СОШ) во Белград и во Осиек (СФРЈ).

Универзитетската наобразба ја започнува како специјалист хирург-уролог во 1983 год. кога ја завршил четиригодишната специјализација по урологија на Медицинскиот факултет во Скопје, хирург-трансплантолог е од 1986 год. кога завршил и специјализација по трансплантациона хирургија во Универзитетско-клиничкиот центар Хенри Мондор, XII Париски Универзитет, Франција (проф. Clement-Claude Abbou; проф. Jean Auvert).

На 27.11.1990 год. на Медицинскиот факултет при Универзитот Св. Кирил и Методиј во Скопје ја одбранил докторската дисертација од областа на медицинските науки со наслов: „Проценка на реактивноста на локорегионалната туморска лимфаденопатија и улогата на лимфаденектомијата во дијагностиката на урогениталниот канцер” (ментор проф. др. Б. Бадиев).

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.

OhridNews