Пред еминентни домашни и странски гости, професори, аналитичари и академици, беше промовирана книгата на професор д-р Билјана Ванковска со наслов „Членството во НАТО: на линијата на фронтот“. Книгата претставува осврт на темата НАТО во современите меѓународни односи, но и длабинска, сеопфатна, независно -алтернативна анализа за кризата на НАТО воопшто како и за членството на Северна Македонија во организацијата. Исто така, дава критички преглед на придобивките и предизвиците со кои земјата се соочи на овој пат.

Настанот го отвори деканот на Филозофскиот факултет Проф. Д-р Ратко Дуев.

Како Факултет со долга традиција, за кој се врзани почетоците на научната мисла и првите научни публикации во нашата земја, издавањето на секоја нова научна книга претставува продолжение на нашата мисија за промоција на македонската наука пошироко во светот. Делото на професорката Билјана Ванковска анализира актуелни теми во кое е вклучено нејзиното долгогодишно искуство во областа на меѓународните односи за што сведочат многуте библиографски белешки и анализа на ставовите на многу видни светски научници и познавачи на оваа проблематика. Особено е значајно што делото има странски рецензенти. Тоа дава особена тежина на истражувањата и анализите во самото дело”, истакна проф. д-р Ратко Дуев, Декан на Филозофскиот факултет.

 

Промотори на книгата беа Д-р Јан Оберг од Фондација за мировни истражувања од Лунд, Д-р Радмила Накарада, професорка на Факултетот за политички науки од Белград, Д-р Владимир Пријахин, професор од Универзитетот од Москва и поранешен амбасадор во ОБСЕ и Д-р Јован Донев, професор и поранешен амбасадор во Велика Британија.

Книгата на Ванковска е солидно експозе за Македонија и поширокиот балкански регион, како и постојано проблематичните односи со Западот, а особено НАТО и САД. Ова е многу важна задача која Ванковска си ја поставува сега – како и пред две децении по западниот интервенционизам на Балканот, т.е. фундаментално да ги дефинира и посочи овие феномени на кризата на Западот, како и да ги доведе во прашање резултатите од тие кризни феномени на Западот во регионот на Балканот на начинот на кој тие се манифестираат во регионот во кој таа живее и кој е во фокусот на нејзиниот истражувачки интерес”, посочи д-р Јан Оберг од Фондација за мировни истражувања од Лунд.

Делото како што беше истакнато од промоторите од научен аспект ги има запазено сите стандарди, а од друга страна претставува четиво кое е лесно читливо и за широката јавност.

Пробав во мојата книга да го доловам моментот на процесот на едукација и всушност спречување на можноста од млади години да се размислува критички. Овде би сакала да споменам дека традицијата дека ние бавно забораваме. Оваа книга е веројатно премногу доцна, излегува дека оваа дискусија требаше да ја направиме пред договорот со НАТО и можеби рано затоа што сега сме членки на НАТО, но мора да мислиме што понатака, особено за време на Корона, истакна авторката Билјана Ванкоска.

Книгата е во издание на Филозофскиот факултет, објавена е во декември 2020 година на македонски и англиски јазик, но поради пандемијата нејзината промоција се одржа вчера во Охрид, кога се создадоа услови за тоа.

K.A.