Во текот на првата недела од 2026 година (29.12.2025 – 04.01.2026), во Македонија се пријавени 1.725 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела, инфрмираат од Институтот за јавно здравје.

Откако во текот на минатата недела (52-ра недела/2025) беше надмината границата за влез во сезона на грип во текот на првата недела од 2026 година, пријавената инциденца е над неделната граница на средна активност на вирусот на грип на национално ниво.
Во однос на возрасната дистрибуција, 749 лица се на возраст од 15-64 години, 618 – деца на возраст од 5-14 години, 229 – деца на возраст од 0-4 години и 129 се лица на возраст над 65 години.
Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.
Заболените лица се пријавени од 18 ЦЈЗ/ПЕ: Скопје – 716, Тетово – 339, Куманово – 150, Велес – 109, Штип – 60, Дебар – 54, Гостивар – 49, Прилеп- 45, Охрид – 44, Битола – 40, Струмица – 38, а во Кавадарци, Неготино, Струга, Демир Хисар, Виница, Македонски Брод и Радовиш, бројот на заболени е помал од 30.
Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска денес посочи дека пикот се очекува со почетокот на второто полугодие од учебната 2025/2026 година и првата половина од февруари. Препорачува граѓаните да избегнуваат собири, да се избегнува контакт со заболени или луѓе со симптоми на кивање и кашлање, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни стилови, а заболените да се јават на матичен лекар и да останат дома.
OhridNews











