„Неспорен факт е дека политичките констелации и тенденции независно на кој период се однесуваат, секогаш имале директни импликации во регионалните и конечно – националните внатрешни состојби. И вклучително, се разбира, во делот на безбедноста. Ова особено во контекст на перспективите на, условно кажано, помалите држави“, рече министерот Оливер Спасовски во обраќањеto на 10-тата по ред меѓународната научна конференција „Влијанието на големите сили врз безбедноста на малите држави“, што се одржува во Охрид во организација на Факултетот за безбедност-Скопје со поддршка на фондацијата „Ханс Зајдел“ од СР Германија и покровителство на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување.
Процесот на политичко или економско интегрирање, етаблиран во изминативе неколку децении, се покажа како суштествено приоритетен политички механизам особено од интерес за малите држави. Преку тој концепт на политичко делување и партнерство – принципите на соработка, координација, солидарност, добиваат на посебна политичка тежина и значение. Како во смисол на постигнување на внатрешна стабилност на земјите, така и во поглед на заедничката, колективна безбедност. Република Северна Македонија, јасно ги препозна тие и такви тенденции резолутно дефинирајќи, во рамките на своите државни интереси, дека интегративните процеси сe нешто во што вреди да се инвестира како гарант за реална општествена безбедност, но и општествен развој и просперитет. – рече Спасовски.


OhridNews












