Голем број просветни работници и ученици од охридските основни и средни училишта беа дел од Јавната трибина „Заслужуваме подобро образование!“ која се одржа денеска во Охрид. Трибината ја организираше Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци и Здружението на Просветни работници на Македонија.

Главна тема на трибината беше „До кога со стари учебници?”, но просветните работници дебатираа и за останатите проблеми во образованието, кои биле детектирани во неколку-месечното истражување на ниво на Република Македонија.

-Од јули минатата година работиме на истражување во делот на образованието, кое имаше за цел да ги детектира проблемите со кои се соочуваат просветните работници и учениците, кои треба да бидат посочени, за во иднина да може да добиеме поквалитетно образование. Во рамки на истражувањето беа утврдени проблеми со учебниците, нивниот квалитет и содржини, со условите за работа, примената на информатичката технологија во наставата, екстерното тестирање, несоодветниот наставен кадар и други пропусти кои влијаат на квалитетот на образовниот процес, вели Владо Димоски, генерален секретар на Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци.

Тој информираше дека освен трибината во Охрид, планирано е да бидат одржани и трибини во Делчево, Куманово Битола и во Скопје.

-Секоја од трибините е со посебна тема, а темите произлегоа од проблемите кои ги детектиравме во рамки на истражувањето. Но секако на секоја од трибините, присутните ќе може да дискутираат и за општата состојба во образованието, вели Димоски.

Тој објасни дека резултатите од истражувањето и заклучоците од сите трибини ќе бидат сублимирани во еден документ, кој ќе биде преточен во Предлог измени и дополнувања на Законите за основно и средно образование и ќе бидат понудени на соодветните институции за усвојување.

Е.М