Охрид е подготвен за одбележување на  еден од најголемите христијански празници Богојавление – Водици. Охриѓани на овој ден се соживуваат со долгата традиција, кога водите на езерото се осветуваат преку фрлањето на светиот крст. За многумина, 19-ти јануари претставува најзначаен ден, за кој на големо  се зборува во текот на целата година.

Годинашната манифестација, ќе биде пропратена со низа настани. Вчера започна пријавувањето на капачите кои ќе пливаат по светиот крст, а во тек се и завршни подготовки за уривање на Гинисовиот рекорд со подготовка на  3 тони рибина чорба. Чествувањата на 19-ти и 20-ти ќе бидат пропратени со богата музичка програма, изложба на риболовен алат, натпревар за подготовка на најдобра чорба и се разбира со традиционалното фрлање на бурињата со вино.

Подготовките за манифестацијата, веќе од поодамна се во тек. Од вчера, официјално започна пријавувањето на капачите кои ќе пливаат по чесниот крст на 19-ти. Интересот е огромен, а за само неколку часа се пријавија преку 130 наши сограѓани, што навестува дека за неколку дена ќе ја надминеме очекуваната бројка од преку 1200 капачи.“ -вели Димитри Пендовски од Здружението за целосна афирмација на Македонската православна црква, “Богојавление“.

Тој потенцира дека  оние кои ќе се фрлаат по крстот, мора да бидат претпазливи и запознаени со капењето во зимски услови. „За прв пат оваа година, заедно со пријавата доставуваме флаер изготвен од Црвениот крст. Во него стои како треба да се однесуваат граѓаните, за да се мине во најдобар ред. Капачите морат да бидат претпазливи, со цел избегнување на некоја незгода. Сепак како и секоја година, се надевам дека нема да дојде до такво нешто.“ – истакнува Пендовски.

Охридските лекари напоменуваат, граѓаните да не конзумираат алкохол доколку одлучат да влезат во водите на езерото на 19-ти. „Им препорачувам на сите учесници, кои на овој ден ќе влезат во ладните езерски води по светиот крст, да не конзумираат алкохол. Откако ќе се искапат, потребно е да земат топли напитоци и добро да се загреат, за да се избегне  хипотермијата.“ – вели д-р Сузана Новакоска Дујковиќ, од поликлиниката „Кардиолаб Маџаров“.

За главната манифестација која ќе се одржи на градското пристаниште на 19-ти, покрај големиот број туристи, најавени се видни личности и претставници на дипломатскиот кор. „Се тече како што треба. Има доста најави за доаѓање на претставници од економскиот, културниот и политичкиот живот во земјава. Своето присуство, го имаат најавно околу 8 амбасадори кои престојуваат во Македонија. Така да, сите заедно ќе се обидеме да го направиме овој верски празник уште повеличествен, осветувајќи ги езерските води.“ – истакна Пендовски.

Вториот ден од манифестацијата познат како „Денот на рибарите“, претставува отсликување на овој настан од пред многу децении. „Во минатото, фрлањето на чесниот крст било забрането. На 20-ти завршувал „Татиљот“ или забраната за риболов. Рибарите го искористувале денот, наместо да ловат риби скришно да скокаат по крстот без притоа некој да се посомнева. На најстариот рибар му се давало „бочка“ со вино, па затоа во нивна чест ги фрламе бурињата со вино, со што всушност ја продолжуваме старата традиција.“ – додава Пендовски.

Исто така, денот ќе биде исполнет со низа активности и настани кои ќе се случуваат на разни локации во централното градско подрачје. Казанот со рибината чорба од три тона, ќе биде поставен на местото кај старата библиотека, а со изложбата на риболовен алат ќе се доловува сликата од минатото.

Казанот уште во петок ќе биде поставен на таа локација. Количините на продукти кои се потребни за подготовка на рибината чорба, се енормно големи. Тие се донација од компанијата „Дасс Инженеринг“, а чорбата ќе ја прават професори и ученици од средното угостителско училилиште. Од 11 часот, ќе започне изложбата на риболовен алат, а ќе има и натпревар во припрема на чорба во организација на Риболовниот клуб „Св. Апостол Петар“.“ – рече Пендовски.

На градскиот плоштад на 20-ти, ќе продефилираат триесеттина охридски музичари како еден состав. Тие ќе изведуваат староградски песни од нашето поднебје. Во 15 часот, закажано е скокањето по бурињата со вино. Оваа година, охриѓани ќе можат да дофатат едно од трите бурина полни со црно односно бело вино.

О.Т.