Во последните неколку години во Охрид ’’цвета’’ бизнисот со нелегален авто-превоз на патници. Граѓаните кои секојдневно патуваат на линиите од општинскиот локален превоз или се превезуваат на меѓуградските релации до Струга, Ресен и Битола, се почесто ги користат услугите на нелегалните превозници.

-Јас се превезувам редовно со еден превозник, чие возило не е под име на такси компанија и имам договорено цена од 80 денари во два правци, на релација Охрид-Струга. Превозникот ме зема наспроти охридскиот пазар и ме носи до онаму каде што одам. Со мене редовно патуваат уште тројца патници, вели една охриѓанка која работи во Струга.

Повозрасен жител на охридското село Коњско, кој го затекнавме на постојката во близина на Охридската Гимназија, вели дека речиси никогаш не ги чека автобусот и комбињата кои сообраќаат на магистралниот пат кон Свети Наум.

-Само што ќе застанам на постојка да чекам превоз, секогаш поминува некој превозник со автомобил како такси и собира по неколку патници, кои патуваат во иста насока. Мене не ми е важно дали се возам легално или нелегално, важно ми е да не чекам и да стигнам побрзо до дома, вели нашиот соговорник.

Од охридските автопревозници, кои се лиценцирани за превоз на патници на општинските и меѓуградските линии велат дека дивите превозници им земаат голем дел од прометот.

-Во оние денови кога инспекцијата е излезена на терен и кога нема нелегален превоз, нам прометот ни расте од 50 до 80 %. Како легални превозници ние сме обврзани да плаќаме лиценци и за локалниот и за меѓуградскиот превоз, како и надоместок за користење на постојките. Освен тоа, мора да исполнуваме и низа на критериуми и услови за организирање на превозот, што не важи за нелегалните превозници, кои имаат чиста заработка, вели Димитар Василески од АД „Галеб“.

Тој потенцира дека иако општинските и државните инспектори за сообраќај преземаат мерки за надминување на оваа состојба, нелегалните превозници се добро организирани и лесно ги надминуваат последиците од контролите.

-Според наши проценки на релацијата Охрид-Струга во моментов има над 80 возила кои нелегално превезуваат патници, исто така голем број диви автопревозници има и на релациите Охрид–Ресен и Охрид-Битола. Што се однесува пак до општинскиот линиски превоз, најголем проблем имаме кај постојката во близина на Гимназијата и кај постојката „Печијаре“. Доколку нема полиција, на овие места за неколку минути поминуваат по неколку автомобили, кои вршат нелегален превоз, објаснува Василески.

Тој нагласи дека преку Здружението на превозници веќе побарале од Министерството за транспорт и врски да иницира промена на законската регулатива и воведување на казнени одредби за патниците кои се превезуваат со нелегален превоз.  

Од Инспекторатот при Општина Охрид, кој е надлежен за контрола на општинскиот превоз на патници, велат дека нивните сообраќајни инспектори постојано се на терен и вршат редовни контроли.

-Контролите се вршат со помош на службите на МВР, со кои имаме добра соработка. Значи освен за нелегалните превозници, овие контроли се однесуваат и на тоа дали се почитува пропишаниот возен ред. Ние сме само должни да изречеме прекршочни пријави, понатаму надлежен е судот, вели Танас Танасоски, раководител на Опшинскиот инспекторат.

Исто така, во овој регион контроли врши и државниот инспекторат за сообраќај, кој до сега трајно има одземено околу 7 возила на релацијата Охрид-Струга.

Е.М