Во организација на Снукер федерацијата на С. Македонија (СФСМ) и домаќинот Гранклуб – Охрид, успешно беше реализиран првиот Летен снукер камп 2026 за млади натпреварувачи на возраст од 12 до 18 години.

На шестдневниот камп учествуваа јуниори од неколку клубови од Скопје, како и млади снукеристи од Охрид. Тренинзите ги водеа лиценцирани ЕБСА тренери предводени од претседателот на СФСМ, Лазар Лазаревски, заедно со Сашко и Филип Каланоски.

Кампот се одржа во просториите на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, каде учесниците имаа интензивни тренинзи, натпревар во снукер вештини и мини турнир, а програмата беше дополнета со физичка подготовка, туристички активности и дружења.

По завршувањето на кампот беа доделени признанија. За најнапреден јуниор беше прогласен Гораст Ивановски, додека победник на мини турнирот во дисциплината „6 црвени топки“ стана Теодор В., кој во финалето го совлада победникот во дисциплината „Снукер вештини“, Иван Л.

Од СФСМ изразија благодарност до Општина Охрид, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и хотелот „Десарет“ за поддршката, со надеж дека Летниот снукер камп ќе прерасне во традиционален спортски настан и ќе придонесе за развојот на младите македонски снукеристи.

OhridNews