Во ноември 2021 година на ниво на држава се издадени 406 одобренија за градење, што е за 95,2 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Во Охрид во ноември 2021 година се издадени 11 одобренија за градби, од кои 10 на физички лица и 1 на деловен субјект. Предвидена е израдба на 38 станови, со корисна површина од 2315 метри квадратни. Од нив 7 еднособни, 13 двособни, 16 трособни и 2 петособни, велат податоците од ДСЗ.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење на ниво на држава, 248 (61,1 процент) се наменети за објекти од високоградба, 43 (10,6 проценти) од нискоградба и 115 (28,3 проценти) за објекти за реконструкција.

Најголем дел од одобренијата, 137 се во Скопскиот регион. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 9 580 435 000 денари, што е за 398,5 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Зголемената предвидена вредност се должи на фактот дека во наведениот период е издадено одобрение за градење на објект од нискоградбата со поголема вредност, ветерна електрана во Југоисточниот регион, појансуваат од ДЗС.

Од вкупно 406 објекти, на 235 (57,9 проценти) како инвеститори се физички лица, а на 171 (42,1 проценти)  инвеститори се деловни субјекти.

OhridNews