Во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во Охрид е воведена интраваскуларна литотрипсија (IVL) со системот Shockwave# светски позната современа минимално инвазивна метода за третман на тешки калцификати во периферните крвни садови.

Новата процедура ја воведува стручниот тим предводен од д-р Дејан Манчевски, раководител на Одделот за перкутани артериски инвазивни процедури. Од болницата посочуваат дека ова е трета нова процедура воведена во установата во период од една година.

Интраваскуларната литотрипсија се применува кај пациенти со напредна периферна артериска болест, особено во случаи кога изразената калцификација на артериите го отежнува или ограничува ефектот на стандардните балон-процедури.

Методата се изведува со специјализиран балон-катетер кој се поставува во стеснетиот дел од артеријата. Преку него се создаваат кратки акустични импулси кои делуваат врз калциумовите наслаги во ѕидот на крвниот сад. Со нивното фрагментирање се овозможува подобро проширување на артеријата и, кога е потребно, попрецизно поставување стент.

Според болницата, една од значајните предности на IVL е можноста за третирање и на длабоко поставени калцификати во артерискиот ѕид, со помала механичка траума на крвниот сад во споредба со дел од конвенционалните техники за третман на тешки калцифицирани лезии.

Продолжуваме да инвестираме во иновации и во здравјето на пациентите, носејќи ги современите достигнувања на медицината директно во нашата установа, посочуваат од Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања – Охрид.

Со воведувањето на IVL технологијата се прошируваат можностите за интервентен третман на пациенти со комплексни заболувања на периферните артерии, особено кај случаи кај кои силната калцификација претставува сериозна пречка за стандардниот ендоваскуларен третман.

OhridNews