
Како што изјави претседателот на регионалната канцеларија на СОНК, Аце Речкоски, во Охрид денес наставата се одвива непречено, додавајќи дека членовите на регионалниот СОНК остануваат на ставот дека проблемите треба да се решаваат на маса, а не преку штрајк.
– Од страна на нашите членови не му се даде поддршка на штрајкот и затоа тој не се одржа. На последниот состанок размислувањата беа дека проблемите на просветните работници треба да се решаваат на маса, преку разговор, бидејќи ништо не е нерешливо, изјави за OhridNews, Речкоски.
Во текот на денот се огласи и директорот на основното училиште „ Св. Климент Охридски“, Јордан Пуроски, кој информира дека наставата во училиштето се одвива непречено.
– Наставата започна во осум часот и сите наставници беа на своите работни места, подготвени за реализација на наставните единици. Исто така и учениците беа навреме дојдени. Почетокот на второто полугодие се одвива според предвидениот тек, изјави Пуроски.
Од републичкиот СОНК со информации дека и покрај притисоците, второто полугодие не започнало во поголем број општини, потенцирајќи дека штрајкот секаде се одржува, дека вработенте се во канцеларии, но не изведуваат настава и дека за прифаќањето на учениците грижа водат директорите. Од републичкиот СОНК потенцираат дека во колективниот договор стои дека ако се штрајкува за необезбедено право, тогаш нема прекинување на платата.
Од СОНК бараат зголемување на платите за 25 отсто, укинување на паричните казни за наставниците според резултатите од екстерното тестирање, рационализација на педагошката администрација, примена на коефициентите по колективен договор во градинките.
Т.К.











