Во водите на Охридското Езеро нема да се гради аеродром од цврсти материјали, тврди Министерството за транспорт и врски, посочувајќи дека планот објавен од порталот „Фактор“, кој беше пренесен од интернет медиумите воопшто не кореспондира со реалноста.
Во изјава за OhridNews, портпаролот на Министерството за транспорт и врски Драган Симоновски, истакна дека единствено е изготвен Правилник со цел да се овозможи регулирање на начинот на употреба на водната површина и истиот исклучиво се однесувал на хидроавиони.
-Потенцираме дека идејата за реализација на овој проект не опфаќа изградба на било какви писти во езерото, туку обележување со бови на воден канал, односно дел од езерската површина на која хидроавионите би можеле да слетуваат и полетуваат и оттука објавените проекции и слики на интернет порталот не се однесуваат на овој проект и воопшто не се веродостојни.-изјави Симоновски.
OhridNews ja контактираше и Охридската капетанија од каде исто така отфрлаат било каква можност за изградба на аеродром од цврсти материјали во Охридското Езеро, потврдувајќи дека се работи само за обележување на водена површина за полетување и слетување на хидроавионите.
-Охрид веќе има еден класичен аеродром на копно и нема никаква логика да гради уште еден таков во вода. За тоа никој воопшто не размислува, посочија од Охридската капетанија.