Во октомври 2025 година во државава се издадени 446 одобренија за градење, што е за 22,9 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 10 596 843 илјади денари, што е за 25,1 % повеќе во споредба со октомври лани. Зголемената вредност се должи на фактот дека во референтниот период е издадено одобрение за градба на Државен пат А2, делница Букојчани Кичево прва фаза, подделница Црвивци-Кичево со должина 6,527 км, кој е со вредност од 44 милиони евра.
Во Охрид во октомври биле издадени 6 одобренија за градба, две на физички лица и четири на деловни субјекти за изградба на 109 станови. Од нив двособни 59, трособни 49 и еден четорособен. Вкупната корисна површина изнесува 6 195 м2. Предвидената вредност на објектите изнесува 235 912 илјади денари. Во Струга издадено било едно одобрение за градба на деловен субјект. Предвидената вредност на објектот е 21 402 илјади денари, се посочува во податоците од ДЗС.
За споредба во октомври 2024 година во Охрид биле издадени 7 одобренија за градење. Од нив едно на физичко лице, додека 6 на деловни субјекти за изградба на 41 стан со вкупна корисна површина од 2.163 м2. Во Струга било издадено едно одобрение за градба на физичко лице.
На ниво на држава од вкупниот број издадени одобренија за градење во октомври 2025 година, 289 (64,8 %) се наменети за објекти од високоградба, 68 (15,2 %) за објекти од нискоградба и 89 (20,0 %) за објекти за реконструкција. Од вкупно 446 објекти, на 247 (55,4 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 199 (44,6 %) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 1 177 станови со вкупна корисна површина од 101 286 м2.
Н.С.Ј.
извор. ДЗС













