Во општина Охрид од стапување во сила на законот до сега се поднесени над 1000 барања за легализација на бесправно изградени објекти, информираат од Министерството за транспорт и врски. Вкупно во Македонија се поднесени 40.758 барања за легализација на дивоградби.

Надлежното министерство апелира до граѓаните да не го чекаат последниот рок за пријавување на бесправно изградените објекти, кој истекува во септември и истото да го направат навремено иако ги немаат обезбедено сите потребни документи.

–  Ги повикаме граѓаните да поднесат барање иако ги немаат потребните документи и да не ги чекаат последните 10-тина денови, бидејќи факт е дека има над 300 илјади дивоградби, а геодетските фирми не можат да изготват толку голем број елаборати, но потребно е граѓаните да поднесат барање и да го запазат рокот, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Тој посочи дека доколку некој од документите недостасува, истиот може дополнително да се достави во периодот на важење на овој закон од 6 години, по што постапката за легализација ќе продолжи и при одлучувањето ќе се земат предвид сите доставени документи.

Јанакиески појасни дека по истекот на законскиот рок, односно по 3 септември не ќе може да се легализираат објектите и со нив ќе се поставува согласно законот.

OhridNews