Со засадување дрвце во паркот на поезијата во чест на годинешниот лауреат, мексиканскиот поет Хосе Емилио Пачеко и меѓународното поетско читање „Меридијани“, вечерва, во Домот на поезијата во Струга свечено ќе започнат 52- те Струшки вечери на поезијата.
Пачеко по засадувањето на дрвцето изрази голема благодарност што годинава токму тој е добитник на златниот венец, како што рече, награда која за него значи многу, како што е и садењето дрвце во паркот на поезијата.
– Кога се сади дрво човекот сфаќа дека тоа е нешто возвишено за неговата личност и дека не е важна индивидуалната работа, туку трајната вредност на дрвото. Светот почнал покриен со дрва, но за жал тие постојано се уништуваат , рече Пачеко кој зборувајќи за наградата рече дека не ја смета како лична, туку како награда за мексиканската и за латиноамериканската книжевност, како и за текстовите кои ги напишал.
На денешната прес конференција по повод започнувањето на манифестацијата директорот на фестивалот Мите Стефоски нагласи дека годинешниот лауреат е еден од најчитаните, најпознати и највлијателни мексикански поети.
– Творештвото на Пачеко е исклучително, посебно и поинакво поради тоа што понекогаш ги заобиколува сите присутни текови во литературата, кои во одредени периоди ја зафаќале и мексиканската книжевност. Знае да ги заобиколи, да биде свој и кога била во мода неавангардната поетика или сосема некој друг приод, и да направи своја автентична поетика која само навидум може да личи дека била зад едноставниот стил исчистен од пренакитеност на таков јазик и стил. Се крие една длабока поезија која во себе си го проникнува она што претставува мислење и она што претставува сензуалност.Тоа е неговата одлика и во мексиканската и светската книжевност, истакна Стефоски.
За годинешните 52- ри Струшки вечери на поезијата потврдено е присуството на околу 50 странски поети, директори на фестивали, на значајни асоцијации, издавачи од Мексико и од регионот.
Добитник на наградата „Мостови на Струга“, која за дебитантска книга десет години ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО, годинава е македонската поетеса Николина Андова за книгата „Влезот е од другата страна“. Таа е прв поет од Македонија што ја добива наградата.
Во рамки на фестивалот ќе биде објавен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2013 година која СВП ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу два фестивала.
Поетскиот портрет на годинешниот поет-лауреат Хосе Емилио Пачеко ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во Охрид на 24 август.