Во петок, 16 јануари, со почеток во 20:00 часот, во големиот амфитеатар на Универзитетот за информатички технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, ќе биде прикажан филмот „Начинот на Чипан“, дело на режисерот Антонио Вељаноски.

По успешно реализираната изложба и јавна дискусија одржани на 03.05.2025, како и објавувањето на истоимената публикација, документарниот филм претставува дополнителен, заокружен краен продукт кој ги обединува сите сегменти во една целина, велат од колективот Архрид.

Документарецот го прикажува ликот и делото на Борис Чипан преку еден од првите модернистички објекти во Охрид, одморалиштето на Феријалниот сојуз „Младост“. Преку процесот што колективот Архрид го помина при подготовката и реализацијата на изложбата и јавните дискусии, филмот отвора нова перспектива за значењето на модернизмот како уште еден значаен културен слој на градот Охрид, посочуваат.

Филмот беше прикажан на најголемиот македонски филмски фестивал „Браќа Манаки“, а сега за првпат ќе биде прикажан и пред охридската публика.

Влезот е слободен.

OhridNews