Во петок во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата „Звукот на пејзажот“ која обединува шест уметници од Македонија и Австралија, чии различни уметнички практики нудат резонантна интерпретација на македонскиот пејзаж – неговите форми, текстури и емоционални одрази.
Претставена во историската Куќа на Робевци во Охрид, изложбата претставува поетски дијалог помеѓу местото и сеќавањето, традицијата и личната визија.
Во оваа меѓународна изложба учествуваат:
- Јуан Маклеод (Сиднеј, Австралија) – Високо реномиран уметник во Австралија и на меѓународната сцена, познат по своите моќни, емотивни пејзажи во кои човечката фигура често се спојува со природата.
- Билјана Поп Стефанија (Сиднеј, Австралија / С. Македонија) – Мозаичарка и архитектка со богато изложбено искуство во Северна Македонија и надвор од неа, препознатлива по своите префинети композиции кои ги поврзуваат древните техники со современиот израз.
- Стив Лопес (Сиднеј, Австралија) – Истакнат австралиски сликар со значајна меѓународна изложбена активност, познат по своите експресивни дела создадени на терен, кои ја доловуваат атмосферата на просторот.
- Аница Китаноска (Вевчани, С. Македонија) – Млада и надежна уметница која добива сѐ поголемо меѓународно внимание со своите дела во сликарството и мозаикот, прикажувајќи ја врската со просторот преку свеж и интуитивен пристап.
- Љубица Мешкова Солаковска (Битола, С. Македонија) – Сликарка чија употреба на боја и текстура го изразува лирскиот и духовниот карактер на македонскиот пејзаж.
- Ристе Андриевски (Волонгонг, Австралија / С. Македонија) – Мултидисциплинарен уметник кој работи во областа на фотографијата, истражувајќи ги сеќавањето, идентитетот и слоевитото доживување на пејзажот.
Секој од уметниците презентира дела инспирирани од пејзажите на Охрид и С. Македонија, толкувани низ сопствена емоционална, културна и материјална призма. Медиумите што ги користат – сликарство, мозаик и фотографија – нудат повеќеслојно доживување на пејзажот, не само како визуелна туку и како сензорна и емотивна појава. Особено значајно е што Јуан Маклеод и Стив Лопес ја посетија С.Македонија во 2024 година, каде што работеа на терен (en plein air), создавајќи слики инспирирани од директното доживување на македонскиот пејзаж. Тие дела го носат моменталниот дух и атмосферата на просторот, почувствувани во реално време. Во својата суштина, „Звукот на пејзажот“ е колективен израз на поврзаност – помеѓу човекот и местото, помеѓу традицијата и иновацијата, и помеѓу С.Македонија и нејзината поширока уметничка дијаспора, вклучувајќи ги и сѐ подлабоките уметнички врски со Австралија, вели м-р Сашо Блажески од НУ Завод и Музеј Охрид.
Изложбата, посочува ги поканува гледачите да слушаат зад визуелното – да го почувствуваат емоционалниот одек што одекнува низ секое дело, без разлика дали е насликано, изработено во мозаик или фатено преку објективот.
Истата ќе биде отворена во 19.30 часот.
OhridNews