Со голема духовна и заедничка радост, во село Подгорци свечено беше одбележана 100-годишнината од изградбата и осветувањето на црквата „Свети Јован Владимир“, еден од најзначајните храмови во струшкиот крај, кој цели еден век претставува духовен дом, културно средиште и симбол на истрајноста на православната вера во овој крај.
По повод празникот на Свети Јован Владимир, во храмот беше отслужена Света Божествена Литургија и водосвет, на која присуствуваа голем број верници од Подгорци, Струга и поширокиот регион. Настанот беше исполнет со молитва, духовна благодарност и прослава на вековното наследство.
Со Литургијата чиноначелствуваше парохискиот свештеник Отец Димитрија Павлески заедно со свештениците Отец Ристе Наумоски и Прота Митре Попоски
Овој јубилеј е од огромно значење не само за селото, туку и за пошироката православна заедница. Тој нè потсетува на обврската да го чуваме и унапредуваме она што ни е оставено во аманет – храмот, верата, заедништвото и светителската традиција. Во име на Црковниот одбор ја упатуваме нашата длабока благодарност до сите присутни, до свештенството, до сите верници и поддржувачи кои помогнаа во организирањето на овој светол настан. Со Божја помош, нека продолжиме да го чуваме духот на Свети Јован Владимир и да ги пренесеме неговите вредности на идните поколенија, велат од Црковниот одбор.
Во рамки на литургијата, беше прочитано и житието на Свети Јован Владимир – светец, маченик и владетел кој оставил длабока трага во православната историја на Балканот. Свети Јован Владимир бил владетел на Дукља (денешна Црна Гора) на крајот на 10 и почетокот на 11 век. Познат по својата праведност, благочестивост и мирољубива политика, тој бил заробен од цар Самоил, но поради неговата кротост и чесност, не само што бил ослободен, туку и оженет со ќерката на царот, принцезата Косара.
Неговата трагична маченичка смрт, кога бил предавнички убиен пред вратите на црква, го вброи меѓу великомачениците. Православната Црква го слави како симбол на вера, смирение и христијанска љубов.
Црквата „Свети Јован Владимир“ во Подгорци била изградена во 1925 година, со вложување, пожртвуваност и љубов од страна на мештаните. Таа е единствена црква во Македонија посветена на овој светител, и низ генерации претставува жив сведок на верата, истрајноста и духовната зрелост на народот од Подгорци.
Истата беше преосветена минатата 2024 година на празникот посветен на светецот, а со светиот чин чиноначалствуваше Владиката Тимотеј.
Сегашната конструкција на црквата е започната во 2021 година со заложбите и со донација на Владо Пупиноски, а со помош на Иницијативниот и Црковниот одбор од селото.
OhridNews