Утре, 7- ми март, во Поградец, Албанија ќе се одржи состанок на Прекуграничната платформа за заштита на регионот на Охридско Езеро, во рамките на УНЕСКО проектот за интегрална заштита на културното и природното богатство на регионот околу Охридското Езеро.

Целта на прекуграничната платформа е да ја интензивира соработката на прекугранично ниво меѓу Македонија и Албанија на различни нивоа т.е помеѓу централните, локалните власти и секторите за туризам, урбано планирање, култура и животна средина.

„Визијата за развој на охридскиот регион е врзана со уникатните вредности на регионот и нивно искористување во контекст на одржливиот развој, промоцијата и привлекување на туристичкиот интерес . Уникатните вредности на природни реткости и пејсажи , заштитените подрачја во регионот и богатото културно наследство преставуваат слика и препознатливост на регионот која треба да биде насока на управување и на централно и на локално ниво“, вели Дејан Паноски од Билатералниот секретаријата за сливот на Охридското езеро.

Целта на конкретниот состанок е да се идентификуваат сите можности за мониторинг врз животната средина и биодиверзитетот со што би се придонело во заштитата и управувањето на Светското наследство на охридскиот регион. Исто така, идентификација на постојни иницијативи за промовирање на одржлив развој на регионот се тема на работниот состанок. На состанокот ќе бидат презентирани и стратегии за развој на туризам меѓу кои и работата на стратегијата за развој на туризмот на Општината Охрид.

OhridNews