По повод Светскиот ден за борба против хепатитис – 28 Јули, Здружението „ХЕПАР Центар Битола“, во партнерство со Здружението „Ретко е да си редок“ – Охрид, со поддршка од Здружението на лекари од Охрид, ЈЗУ Општа болница Охрид, универзитетските клиники и други здравствени партнери, организира голема јавна превентивна здравствена акција.

Во рамки на акцијата ќе биде овозможен бесплатен преглед со FibroScan (еластографија), современа, брза и неинвазивна метода за проценка на состојбата и евентуалните оштетувања на црниот дроб. Посетителите ќе можат да направат и бесплатно брзо тестирање за хепатитис Б, хепатитис Ц и ХИВ, при што резултатите ќе бидат достапни за само неколку минути. На располагање ќе бидат и медицински стручњаци кои ќе даваат совети и консултации, како и едукативни материјали за превенција, вакцинација и значењето на навремената дијагностика.
Вирусниот хепатитис не чека. Без навремена дијагностика, оштетувањето на црниот дроб се одвива тивко. Нашата цел е преку овие бесплатни прегледи да им овозможиме на граѓаните на ефикасен начин да го проверат своето здравје, бидејќи раното откривање буквално спасува животи, порачуваат организаторите.

Преку 280 милиони луѓе живеат со вирус за кој не знаат. Над 80% од луѓето кои имаат хепатитис не се свесни дека се инфицирани сè додека не настанат сериозни оштетувања на здравјето. Заболувањето се лекува и спречува. Хепатитис Ц денес се лекува со современа терапија со стапка на излекување од над 95%, додека за хепатитис Б постои ефикасна вакцинација и контрола.
OhridNews












