По повод Светскиот ден за борба против хепатитис – 28 Јули, Здружението „ХЕПАР Центар Битола“, во партнерство со Здружението „Ретко е да си редок“ – Охрид, со поддршка од Здружението на лекари од Охрид, ЈЗУ Општа болница Охрид, универзитетските клиники и други здравствени партнери, организира голема јавна превентивна здравствена акција.

Настанот ќе се одржи на 27 јули 2026 година (понеделник), од 17:00 до 20:00 часот, на Градскиот плоштад во Охрид, каде што граѓаните и посетителите ќе имаат можност бесплатно и анонимно да направат прегледи и тестирања насочени кон рано откривање на вирусниот хепатитис.

Во рамки на акцијата ќе биде овозможен бесплатен преглед со FibroScan (еластографија), современа, брза и неинвазивна метода за проценка на состојбата и евентуалните оштетувања на црниот дроб. Посетителите ќе можат да направат и бесплатно брзо тестирање за хепатитис Б, хепатитис Ц и ХИВ, при што резултатите ќе бидат достапни за само неколку минути. На располагање ќе бидат и медицински стручњаци кои ќе даваат совети и консултации, како и едукативни материјали за превенција, вакцинација и значењето на навремената дијагностика.

Вирусниот хепатитис не чека. Без навремена дијагностика, оштетувањето на црниот дроб се одвива тивко. Нашата цел е преку овие бесплатни прегледи да им овозможиме на граѓаните на ефикасен начин да го проверат своето здравје, бидејќи раното откривање буквално спасува животи, порачуваат организаторите.

Вирусниот хепатитис и понатаму останува „тивок убиец“ бидејќи во раните фази најчесто не покажува никакви симптоми.  Според извештаите на Светската здравствена организација (СЗО), хроничните хепатитис Б и Ц се меѓу водечките причинители за цироза и рак на црниот дроб и се причина за повеќе од 1,3 милиони смртни случаи годишно.

Преку 280 милиони луѓе живеат со вирус за кој не знаат. Над 80% од луѓето кои имаат хепатитис не се свесни дека се инфицирани сè додека не настанат сериозни оштетувања на здравјето. Заболувањето се лекува и спречува. Хепатитис Ц денес се лекува со современа терапија со стапка на излекување од над 95%, додека за хепатитис Б постои ефикасна вакцинација и контрола.

OhridNews