Во понеделник, 26-ти мај 2014 година истекува рокот на Јавниот повик за прибирање на барања за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авио превозници, кои во текот на летната сезона ќе летаат на релација Лондон-Охрид и обратно.

Според условите на повикот, кој го објави Општина Охрид, новата дестинација треба да биде постојано опслужувана по однапред определен ред на летање.

-Корисникот кој ќе ја добие оваа финансиска поддршка треба најдоцна до 15 Јуни 2014 година да започне со оперирање на една дестинација два пати неделно на релација аеродром „Св.Апостол Павле“ Охрид и некои од аеродромите во Лондон, Велика Британија и истата да ја одржува во периодот од 15 Јули до 15 Септември 2014 година, како и во текот на целата 2015 и 2016 година. На оваа релација, корисникот треба да обезбеди превоз на најмалку 9600 патници годишно или минимум 800 на месечно ниво, во целиот период на користење на финансиската поддршка, пишува меѓудругото во Јавниот повик.

Во него стои дека Финансиската поддршка ќе се додели на авио превозник кој ги исполнил условите утврдени во барањето и понудил најнизок износ на финансиска поддршка во евра изразени во денарска против вредност, по патник во пристигнување.

Јавното отворање на апликациите за овој јавен оглас ќе се оддржи во понеделник 26-ти мај, со почеток во 13 часот во просториите на Општина Охрид.

OhridNews