Поврзувањето на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро во селото Пештани  кое се соочува со проблеми поради надојдените подземни води, ќе започне во понеделник најави денеска локалната самоуправа.

– Сите подготовки за поврзување на Пештани на Колекторот се завршени и преостанува само да се изврши прекоп за приклучување на населбата на системот за пречистување, информираа денеска на прес конференција претставници на Општина Охрид. Оттаму појаснија дека приклучувањето кое беше најавено за месец јануари, било пролонгирано поради неповолната хидролошка состојба која дополнително го оптоварува колекторскиот систем.

Од МЈП „Проаква“ информираа дека состојбата со колекторот и натаму е критична и дека системот е преоптоварен. Оттаму посочија дека е потребна итна санација на пречистителната станица во Враништа за да не дојде до колапс на колекторскиот систем. Во врска со мерките кои во координација ги преземаат локалната и централната власт од „Проаква“  велат дека тоа се превентивни активности за заштита од надојденото езеро и дека е потребна итна интервенција за подобрување на состојбата на колекторскиот систем.

Деновиве била извршена замена на оштетените пумпи во месноста Грдано, Потпеш и кај хотелот Александрија со што според „Проаква“ е решен проблемот со отпадните води во стариот дел на градот.

Е.Е./Г.М.