Од 1993 година кога е откриен првиот случај на ХИВ позитивно лице во Охрид, до денес се регистрирани само 5 случаи.

Во последните 5 години не е регистрирано ниту едно лице во охридскиот регион, кое е заболено од ХИВ вирусот. Оваа болест, последните децении е во пораст не само кај нас, туку и во светски рамки. Секоја година се организираат акции за поширока едукација на населението, а  1-ви декември е прогласен за Светски ден за борба против СИДА.


Во Охрид на овој ден ќе се спроведува акција, при што граѓаните ќе имаат можност да се тестираат анонимно и бесплатно за да го дознаат својот хив статус. Организатор на оваа акција е Црвениот Крст од Охрид и НВО опцијата. „На градскиот плоштад по повод овој светски ден, на 1-ви декември граѓаните ќе можат да се тестираат бесплатно и анонимно. Волонтерите на нашата здравствена организација ќе делат едукативни материјали, како и презервативи кои се основното заштитно средство за спречување на ширењето на болеста.“ – вели Младен Божиноски, младински координатор во Црвен Крст- Охрид.


Јулијана Настоска од НВО „Опција“, истакнува дека нивната организација се приклучува кон активностите.

Во нашите простории во дневниот центар, планираме да одржиме едукативни работилници. Со тоа, нашите целни групи ќе можат подетално да се информираат за начинот на пренос и заштита од оваа болест, потенцира Настоска.

Во текот на наредната седмица во сорабтока со сојузот на студенти, во просториите на Факултетот за туризам и угостителство, ќе бидат отворени и штандови на кои ќе се делат едукативни флаери.

Во соработка со НВО од Охрид, студентите ќе се информираат за нашиот начин на работа. Ќе бидат презентирани мерките за заштита и превенција, а исто така посетителите ќе се запознаат со ДСТ(бесплатно анонимно тестирање) за оваа болест. Во образовните институции ќе се реализираат отворени работилници, а од наредната година планираме во рамките на Црвениот Крст да функционира советувалиште за тестирање на хив статусот, додава Божиноски.


Според  д-р Јованка Стурлакова – Коровешовска, постојат неколку начини на пренос на ХИВ вирусот.

– Ова вирусно заболување може да се пренесе преку незаштитени полови односи, преку крв, а се пренесува и од мајка на дете со доење, вели д-р Стурлакова Коровешовска.

Во Македонија регистрирани се вкупно 166 случаи, од кои 43 се носителие на вирусот, а 123 се заболени.

О.Т.