Во пресрет на еден од најголемите христијански празници Богојавление – Водици денес екипи на јавните претпријатија работеа на терен за целосно чистење на пристаништето.

Спустот во езерските води, од каде што традиционално влегуваат капачите, е исчистен од наноси на камења, песок и отпад. Целта е да се обезбеди безбеден и непречен пристап за сите оние кои годинава ќе бидат дел од празничната манифестација и ќе се обидат да го фатат светиот крст, информираат од Општина Охрид.

Според претходните најави до 17 јануари централното градско подрачје и крајбрежјето треба да блеснат во празничен декор, а за чистотата на езерското дно ќе се погрижат нуркачите од двата охридски нуркачки клубови, „Амфора“ и „Охрид“.

Во тек е и пријавувањето на капачите во сите парохиски цркви во градов, а на 18.01.2026 (недела) од 19-23 часот на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.

Централните празнувања се на 19 јануари. Започнуваат во раните утрински часови со свети и празнични литургии во сите парохиски цркви, по што трите литии од црквите Св. Богородица- Каменско, Св. Георги – Горна Влашка Мала и Св. Никола -Геракомија ќе се упатат кон градското пристаниште. Чинот на полагањето на Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде во 10 часот од Колцето на пристаниште, а ќе го изврши Митрополитот Дебарско – кичевски г. Георгиј.

OhridNews