Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „Разбојништво“,  и „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 25- годишен стружанец, на кого од страна на основниот суд во Струга му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

На 23-ти овој месец во 09 часот и 25 минути, сега притворениот со капа фантомка и со пиштол во раката влегол во менувачница лоцирана во градскиот пазар во Струга и од вработената ги побарал парите од сефот. Потоа тој заканувајќи и се со убиство, со пиштолот ја удрил вработената во главата по што самиот, од сефот и од пулт касата почнал да ги зема парите и да ги става во црна ташна која ја имал со себе. Во моментот, вработената на висок тон повикала помош поради што лицето почнало да бега при што бил совладан, а потоа и приведен. При претрес во неговиот дом, полициските службеници пронашле една рачна бомба М-75 ставена во пластична обвивка.

Пиштолот марка „Црвена застава“ што бил сопственост на неговиот татко, рамката со пет куршуми заедно со пронајдената бомба се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.  

OhridNews