Од НУ Завод и Mузеј задоволни од досега реализираниот промет во двете продавници за сувенири кои во Охрид беа отворени во месец септември. Гостите кои во текот на изминатите месеци ги посетиле објектите,  најголем интерес покажале за оригиналниот брендиран охридски бисер, изработен од познатата фамилија Филеви.

Задоволни сме од продажбата, иако продавниците беа отворени вон туристичката сезона. Најчесто се купуваат помалите предмети- сувенири, магнети со мотиви од Охрид, но најбарани се бисерите, вели директорката на НУ Завод и музеј- Охрид, Тања Паскали- Бунташеска.  

Како што потенцира Михаил Филев од фамилијата која од 1928 година се занимава со изработка на охридски бисер, во отворените продавници туристите имаат можност да купуваат оригинален накит, а не како претходно кога лажни бисери се продаваа насекаде и се доведуваа во заблуда туристите.

Во продавниците освен бисерен накит, може да се најдат и копии од артефакти од сите археолошки локалитети во Охрид и Македонија, копии од икони, фрески и уште многу други сувенири.

Во тек е уредувањето и на третата продавница на улица „Македонски просветители“ која е предвидено да започне со работа во текот на месец февруари.

Т. Кувенџиска