Од денеска во продажба се пуштени влезниците за хуманитарниот концерт за спас на малиот Кирил Митрески, што ќе се одржи во среда, 2-ри март во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20 часот.

Билетите по цена од 150 денари може да ги купите во трафика „Фибос“ (сред чаршија), музичка продавница „Зизи Топ“ (стара рибарница) како и на повеќе локации низ Охрид благодарение на волонтерите од Црвен Крст. 

На концертот ќе настапат: „Project: Smile, Dance, Love“ (Емилија Маринова, Горан Папаз и Филип Стојкоски – Зизи), „Камелеон“ Бенд, Ѓоко Танески + бенд, „Импровокоација“ шоу на Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипроски, кабаре„ 2Mothers Brothers“ – Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски. Водителка на програмата ќе биде Адријана Билаловиќ Тодороска. 

-На малиот Кирил, по татко охриѓанец, неодамна му е дијагностициран малиген тумор на левата хемисфера од големиот мозок. Лекувањето мора да започне идната недела во Израел, за што семејството треба да издвои 70 – 90.000 евра, во зависност од начинот на лекувањето. Да му помогнеме на семејството Митрески, кое се обидува на сите начини да ги обезбеди средствата за скапото лекување, со тоа што ќе ја наполниме големата сала во НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид! – порачаа организаторите, учесниците и помагателите на хуманитарниот концерт.

Организаторите изразуваат голема благодарност до помагателите: НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид, „OhridNews.com“, „Астра Дизајн“ – Охрид, „Labino Sound“ – Охрид, „МЕГА“ Продукција – Охрид, Црвен крст – Охрид и „Impact group“ – Охрид.

Хуманитарен концерт за помош на малиот Кирил, во недела ќе одржи охридскиот музичар и фотограф Јован Куциноски. Toj ќе настапи на градскиот плоштад во 13.30 часот.

Во вторник, хуманитарен концерт ќе се одржи и во кафе барот „Ликвид“, кој исто така ќе биде посветен на малиот Кирил. Сите средства кои ќе бидат остварени од продажба на влезници за хуманитарниот концерт, како и прометот од продажба на пијалаци кафе барот „Ликвид“ ќе ги донира на сметката за донации на младиот Кирил Митрески. 

Исто така, хуманите граѓани може да донираат средства на жиро сметките отворени за таа намена, како и на телефонскиот број за донации. 

OhridNews

Обновено: Охрид се мобилизира за спас на детски живот