Во рамки на Втората глобална подводна акција за чистење на водите во светот, триесеттина нуркачи од „Сојузот на Подводни активности на Македонија“, Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, од  нуркачките клубови  „Амфора“ од Охрид, „Акватек“ од Скопје, и „Клубот на Подводни Активности Охрид“, го чистат и дното на Охридското езеро.

Според првичните податоци од дното на езерото се извадени неколку тони отапд, меѓу кои во најголем дел гуми од моторни возила, лименки, стаклени шишиња, старо железо.

Во Охрид се нуркачите од цела Македонија и овие три дена тие го чистат отпадот од езерото,што  ние како граѓани не го гледаме, но го загадува дното на езерото, изјави заменик министерот за животна средина и просторно планирање , Стево Темелковски.

Од  „Сојузот на Подводни активности на Македонија“ потенцираат дека годинава од езерото се извадени помали количини отпад,  што значи дека преку претходно реализирани активности се влијаело врз подигање на свеста за зачувување на животната средина.

До граѓаните упатуваме порака дека оваа убавина треба да се чува и да внимаваме како се однесуваме со водите.Годинава извадивме помалку отпад, среќни ќе бидеме кога нема да извадиме воопшто ништо од дното на езерото и кога со нашите активности ќе се врши само надзор, вели претседателот на „Сојузот на подводни активности“, Периклија Бески.

Бески потенцира дека сега за прв пат чистење на дното на Охридското езеро на потегот од Свети Наум до Струга било извршено во 1996 година, кога активностите траеле еден месец.

Во глобалната  акција која е подржана од  „GUWAA” (Global Under Water Awareness Asosiation) учествуваат 80 земји од целиот свет, а целта е да се собере што поголемо количество на отпад од водите, да се популаризира проблемот и да се едуцираат луѓето за постоењето на проблемот со загадувањето . Се очекува акцијата според бројот на учесници, времетраењето  и собраниот  отпад да се избори за влез во Гинисовата книга на рекорди.

Т.К.