Италијанските археолози во еден од ходниците на Колосеумот во Рим откриле фрагменти од фрески со силни бои со прикази на херојски и еротски сцени, како и делови од антички графити. Директорката на 2000 години стариот амфитеатар рекла дека пронашле траги од декорации во сина, црвена и зелена боја. Фрагментите ја прикажувале славата на гладијаторите, со ловорови венци, стрели, па дури и еротски сцени.

Фреските биле пронајдени во еден од ходниците на Колосеумот кој моментално е затворен за посетители поради реставрацијата. Фреските покривале површина од неколку квадратни метри во шест метри долгиот ходник, а на посетителите ќе им бидат достапни кон средината на 2014 година. Колосеумот, кој бил изграден за време на владеењето на царот Тит, е еден од најпосетените споменици на светот. Во 2007 година бил сврстен меѓу новите седум светски чуда.