Традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“ ќе се реализира во сабота, 4 октомври.

Настанот велат од Црвен крст Охрид има широко општествено значење и ќе започне во 11 часот со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од Кеј Македонија-пред х. Палас, а цел на Кеј Македонија-пред Центар за култура „Григор Прличев“.

Тука ќе продолжат спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди. Како новина оваа година од 14 часот на Градскиот плоштад „Климент Охридски“, посетителите ќе можат да уживаат во музичките изведби на охридските бендови „Камелеон“, „The Backdoor band“, „Urban Planet“ и „No Fun“. Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 50 денари, посочуваат.

Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата, потенцираат, ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца.

Секој кој ќе купи учеснички број станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 20 вредни награди (четиридневен престој во Суботица, викенд во Крушево, компјутерска галантерија и друго) и ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, вртење хулахоп, скокање со јаже, пикадо и други креативни игри.

Традиционален партнер на акцијата „За посреќно детство“ е Стоматолошки Центар Д-р Баткоски кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.

Продажбата на учесничките броеви е веќе во тек. Мобилните тимови на волонтери на Црвен крст Охрид ќе бидат достапни со учесничките броеви на повеќе пунктови во градот, а учесничките броеви ќе можат да се набават и во просториите на Црвен крст Охрид, ул. Димитар Влахов бр. 52.

Ве молиме за Ваша активна поддршка на овој настан со промовирање на истиот преку објавување на плакатата или учесничкиот број во Вашиот медиум, во периодот до почетокот на настанот. Ви благодариме за помошта и поддршката на нашите хуманитарни активности, додаваат од Црвен крст Охрид.

OhridNews