Во сабота, 22 август, ќе се одржи 39. издание на Охридскиот пливачки маратон, една од најстарите и најзначајни спортски манифестации во земјава.

На стартот кај Св. Наум, кој е закажан за 11 часот, ќе се појават вкупно 16 пливачи – 11 во машка и пет во женска конкуренција. Тие ќе ја пливаат традиционалната патека „Климе Савин“, долга 25 километри, со цел на Градското пристаниште во Охрид.

Во машка конкуренција ќе настапат тројца македонски пливачи – Александар Илиевски, Петар Цеков и Леонид Мишевски. На стартот ќе бидат и Матеа Видовиќ од Србија, Умит Кемал Џенгиз од Турција, Филип Лакас од Канада, Италијанците Алесио Окипинти и Николо Ричарди, Шпанците Енеко Саезмиера и Даниел Понсе Хименез и Кристијано Карамело Сантос од Португалија.

Во женска конкуренција Македонија ќе ја претставува Росана Гошева, а ќе настапат и Елена Лионело од Италија, Милица Љубисављевиќ од Србија и Аргентинките Рита Ванеса Гарсија и Мајте Ајлен Пука.

Интересно е што Пука доаѓа во Охрид како победничка од минатогодишното издание, кое ќе остане запаметено како прво во долгата историја на маратонот што беше прекинато поради невреме.

Лани, по околу четири и пол часа пливање, силен ветер, дожд, грмотевици и високи бранови го зафатија Охридското Езеро. Од безбедносни причини трката беше прекината во 14:30 часот, во момент кога пливачите беа на околу 19-тиот километар. Согласно пропозициите, за победници во машка конкуренција беа прогласени Италијанците Матео Фурлан и Федерико Тамборино и Аргентинецот Матијас Диас Хернандес, кои во моментот на прекинот беа израмнети на првото место. Во женска конкуренција победи Мајте Ајлен Пука од Аргентина.

Наградниот фонд на годинашниот, 39. Охридски пливачки маратон изнесува 15.000 долари.

Покровител на Охридскиот пливачки маратон е Претседателот на Република Македонија, а медиумски партнер на престижната спортска манифестација е OhridNews.

Г.М.

Фото: Анамарија Момироска