Во сабота, 22 ноември, ќе се служи Архиерејска литургија по повод една година од упокојувањето на Митрополитот Тимотеј, информираат од Плаошкиот манастир.

Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј почина на 25 ноември 2024 година по кусо боледување, на 73 годишна возраст. До неговото вечно почивалиште во јужната апсида на храмот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник беше испратен на 28 ноември.

Тимотеј е роден на 20 октомври 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско. Монашки потстриг прима на 10 септември 1981 година во манастирот „Свети Јован Крстител” – Бигорски, а на 11 септември 1981 година е ракоположен за јероѓакон во истиот манастир. На 13 септември 1981 година е ракоположен за јеромонах во манастирот „Света Богородица” – Пречиста, Кичевско, а за архимандрит е произведен во манастирот „Свети Наум Охридски” во Битола. По изборот за епископ, на 20 септември 1981 година е хиротонисан за архиереј на МПЦ во црквата „Свети Димитриј” во Скопје. Од 21 септември 1981 година е назначен за Митрополит Австралиски и администратор на Дебарско-кичевската епархија. Со Австралиската епархија раководеше до 1995 година, од кога продолжи да раководи со Дебарско-кичевската епархија како Митрополит Дебарско-кичевски.

Изминатите 43 години како архијереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија како беше секретар на САС на МПЦ и Администратор на Повардарската епархија, како и портпарол на Синодот на МПЦ.

OhridNews