Во сабота, 8- ми јуни, со почеток во 11 часот, општинскиот Црвен крст ќе ја реализира традиционалната, хуманитарна спортско-рекреативна акција “За посреќно детство”.

Манифестацијата ќе започне со „главна трка” на учесниците, со старт од  плоштадот „Чинар”, која ќе се движи по улицата “Македонски Просветители” и цел на Градскиот плоштад “Климент Охридски”. На терасата на комплексот Летница, паркот пред Охридско лето, на просторот пред Центарот за култура “Григор Прличев” и на градскиот плоштад “Климент Охридски” од 11:00 – 14:00 ч. ќе се одвиваат спортско-рекреативни натпревари и културно-забавни содржини што воедно е и целта на ова акција-промовирање на спортскиот дух меѓу младите преку нивно учество во различни спортско-рекреативни содржини, како и подигање на свеста кај нашите сограѓани за солидарност, хуманост и пружање на потребната помош на оние кои се соочуваат со социјални или здравствени потешкотии.

 
Средствата собрани од оваа акција со продажба на учесничките броеви и со обезбедување на прилози од спонзори и донатори, ќе бидат наменети за набавка на соодветни производи со кои Ќе се помогне на децата од социјално најзагрозените семејства во Охрид и Дебарца.

Секој што ќе купи учеснички број за акцијата, кој чини 30 ден., може да се натпреварува во повеќе спортските дисциплини: Шах, пикадо, баскет, мал фудбал, одбојка, не лути се човеку и многу други спортски и едукативни содржини. Купениот учеснички број учествува во големата наградна игра со преку 100 вредни награди (седум дневно зимување на Златибор, 5 дневен престој во Крагујевац, викенд во Крушево, велосипед, ДВД плеер, компјутерска галантерија), кои Ќе бидат јавно извлекувани на телевизија ТВМ на 15 јуни, од 18:00 ч.   

Веќе втора година, акцијата се реализира во соработка со Комплексот Св.Ѓорѓија-Стоматолошкиот центар Д-р Баткоски кои за посетителите на ова манифестација подготвија голем број изненадувања.

OhridNews