Македонската гранична полиција евидентираше нов случај на оштетување на возило пријавен од страна на македонски државјанин кој престојувал во Грција, со што бројот на вакви инциденти летово се искачи на 63.

Имено, вчера на Граничниот премин “Богородица“, сопственик на патничко моторно возило „BMW”, со скопски регистарски ознаки, пријавил дека во местото Сани Бич му биле прикриени ознаките МК со црвен спреј. Оштетувањето не било пријавено во грчката полиција.

Со овој новорегистриран случај, во изминатиот период од страна  на нашата гранична полиција биле регистрирани вкупно 63 оштетувања на возила и одземања на регистарски ознаки. Од пријавените оштетувања од страна на македонските државјани, 40 се кражби на регистарски таблички, од кои во 28 случаи на возилата им биле украдени обете таблички. Во однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега порасна на 23 случаи.

Од сите случаи, 36 биле пријавени и на грчката полиција, но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. Бројот на лица од Скопје кои пријавиле кражба на регистарски таблички или оштетување на моторно возило и натаму предничи и изнесува 34, а останатите пријави се на лица од други места од државава.

OhridNews