Ноќта на 29- ти спроти 30- ти април, на ул.„Стив Наумов„ и ул.Битпазарска“ во Скопје, поточно во поранешна стоковна куќа „Илинден“ извршени се две кривични дела од кои  една тешка кражба и еден обид за тешка кражба.

Имено на 29.04.2012 год. во 22,30 часот се вклучил алармот во „Зират банка“ на што реагирало обезбедувањето кое го исклучило алармот, по направената обиколка околу објектот и утврдувањето дека не се случува ништо сомнително, од причина што и други пати се случувало алармот да биде вклучен од допир на птици.

На 30.04.2012 год. во 00,20 часот повторно се вклучил алармот во „Зират Банка“ по што дошол директорот на банката , заедно со обезбедувањето „Кондор“ кои ги имале поставено алармите во банката. Кога виделе дека не се случува ништо, го исклучиле алармот и си заминале.

Утрото на 30.04.2012 год. кога вработените дошле на работа забележале дека нешто мириса на изгорено и виделе дека од просториите на фирмата „Де Кока трејд“ има рушење на зидот, по што забележале дека тоа е кај нивниот сеф. Веднаш ја известиле полициската станица „Бит Пазар„ и увидната екипа при СВР Скопје кои извршиле увид.

Од страна на увидната екипа утврдено е дека има спореден влез од ул.„Стив Наумов“ од кој прво се влегува во Државниот Тетовски универзитет, каде од една од просториите за информатика, од шкаф биле одземени 2.000 денари, пари кои се собирале за учебници. Потоа преку ходниците и канцелариите, крадците влегле во „Де Кока трејд„ од каде со рушење-сечење на гипс картон дошле до задниот дел на сефот од „Зират Банка“. Сторителите првично го промашиле местото каде бил поставен сефот, поради што се забележани две дупки. Откако увиделе дека погрешиле, направиле во непосредна близина уште еден отвор од каде дошле до задниот дел на сефот. Потоа со шмиршајба пробано е да се исече металниот дел од сефот, но по кратко време се вклучил против пожарниот аларм кој од страна на сторителите бил исклучен, а тие продолжиле да се обидуваат да го отворат сефот. На повторното вклучување на алармот во 00,20 часот сторителите веројатно се исплашиле и истите по веќе направените отвори низ ходниците го напуштиле лице местото.

Од страна на увидните екипи на СВР Скопје се утврдува начинот на кој сторителите влегле прво во Државниот Тетовски универзитетот, а потоа и во „Зират Банка“ и се преземаат мерки и активности за расчистување на случаите.

OhridNews