Со верски обичаи, викендов во Скребатно, непосредно до црквата Св. Богородица, беа поставени темели за изградба на објект во кој ќе биде сместена новата кујна каде ќе се подготвува традиционалниот ручек за празникот посветен на заштитничката.


-Една од главните причини за изградба на новиот објект е тоа што недостасуваа огништа за подготовка на ручекот по повод празникот Св. Богородица, односно имаше потреба од изградба на нови. Моментално има 10 огништа за котли од по 150 кг, а со изградбата на новиот објект  ќе има 14-15 огништа.-изјави  Зоран Германоски – член на црковниот одбор Св. Богородица Скребатно.


Објектот чија  основа е 160 метри квадратни ќе има два ката. На приземјето ќе биде сместена новата кујна со помошна просторија за подготовка на месото. На кат ќе бидат изградени апартмани-конаци.


Потребните средствата за изградба на новиот објект биле собрани по пат на донации на верниците во црквата Св. Богородица. Од Црковнот одбор најавија дека објектот комплетно ќе биде завршен за околу три месеци, односно пред празникот Голема  Богородица кој се одбележува на 28-ми август.


Покрај изградбата на кујната, Црковниот одбор набави и косилка за трева, за која битолската фирма „Евростил“ во знак на поддршка одобрила попуст од 500 евра. Исто така извршена е набавка и на теренско возило „Нисан Патрол“ со нож за расчистување снег, со цел излетничкото место да биде достапно за посетителите и за време на зима.


Скребатно, за прв пат во пишан документ се спомнува во 1583 година. Ден денес луѓето кои потекнуваат од овој крај грижливо ја чуваат вековната традицијата и претставуваат вистински пример како треба се почитува едно свето место.


Веќе втора деценија успешно функционира црковен одбор на православниот храм Св. Богородица, кој се менува на две години. Црквата целосно е возобновена пред 7 години на темелите на стариот храм, кој со точност не се знае од кога потекнува, а постојано се уредува и излетничкото место, каде во прекрасниот природен абиент опкружен со извори, изградени се  одморалишта, скари, фурни, спортски терени, паркинг простор, поставени се маси и клупи, а хигиената се одржува на исклучително високо ниво. На посетителите на располагање им е целокупниот инвентар, кој само треба да го чуваат, онака како што локалното население го чува преубавиот комплекс во Скребатно.

OhridNews