Напаѓачот на Ливерпул и репрезентативец на Португалија, Диого Жота (28), загина во сообраќајна несреќа што се случила утрово во Замора, Шпанија. Во несреќата загинал и неговиот 26-годишен брат. Автомобилот со кој управувал Диого Жота излетал од коловозот и се запалил. Веста ја потврди угледниот шпански весник „Марка“.

Диого Жота, португалски фудбалер и член на Ливерпул, загина утрово на возраст од 28 години во сообраќајна несреќа во покраината Замора. Несреќата се случила на 65-тиот километар од автопатот А-52, во општината Паласиос де Санабрија.

Фудбалерот на Ливерпул загинал кога возилото во кое патувал со неговиот брат Андре, на возраст од 26 години, исто така професионален фудбалер, се лизнало од патот, предизвикувајќи пожар. Според информациите дадени од сведоци кои ја повикале службата за итни случаи 112, автомобилот бил зафатен од пламен, кој потоа се проширил на блиската вегетација.

Марка

Како што пренесува шпанската агенција ЕФЕ автомобилот Ламборџини во кој биле браќата Жота најверојатно удрил во дрво или банкина, по што ја пробил заштитната ограда и се запалил. Возилото е уништено до непрепознатливост.

Трагичната смрт на Жота го потресе фудбалскиот свет. Пред само десет дена тој се ожени.


Диого Жота беше важна алка во ротацијата на Ливерпул кој оваа сезона ја освои Премиер лигата. Имаше префинето чувство за гол и игра во простор, брзина и отскочност, а имаше решение за секоја одбрана.


Фудбалскиот клуб Ливерпул е скршен од трагичната смрт на Диого Жота, објави Шампионот на Англија на мрежата Х.

Смртта на Диого Жота е голема загуба не само за Ливерпул и Португалија, туку и за светскиот фудбал воопшто.

Г.М.
Фото: Х