Во Националната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, со поддршка на Министерството за култура и туризам, во периодот од 24 јули до 5 август 2026 година ќе биде поставена постхумната изложба циклус „Езерски брегови“, посветена на творечкиот опус на академскиот сликар Таки М. Павловски.

Со својот препознатлив ликовен јазик, Таки М. Павловски создаде безвременски дела што ги надминуваат границите на визуелниот израз, отворајќи нови уметнички хоризонти и влијаејќи врз развојот и насоките на македонската ликовна сцена. Неговото творештво е сведоштво за непрестајната потрага по суштината на формата, светлината и просторот.
Циклусот „Езерски брегови“ претставува едно од највпечатливите поглавја во неговиот богат творечки опус. Со овие дела авторот преминува од геометризам во лирична апстракција,создавајќи визуелна поезија инспирирана од езерскиот пејзаж, неговата тишина, светлина и бескрајност. Секоја слика е простор за лична интерпретација и длабоко естетско доживување, во кое природата и емоцијата се преточени во универзален уметнички јазик.
Посебен придонес во реализацијата на оваа изложба има неговата ќерка, академската сликарка д-р Марија Павловска, која со голема посветеност и почит кон творечкото наследство на својот татко овозможи неговите дела повторно да заживеат пред публиката, продолжувајќи да ја раскажуваат приказната за еден исклучителен уметник чие творештво останува трајна духовна и културна вредност.
Куратор на изложбата Христијан Томан.
Свечено отварање е утре, 24 јули, во 20 часот.
OhridNews












