Новиот број на активистичкото списание „Лице в лице“ ќе биде промовиран на 23 август во струшката чаршија, а во фокусот на ова издание се малите јазици и улогата која тие ја имаат во зачувување на различностите низ светот.
Магазинот ќе биде промовиран во рамки на придружната програма на 52.Струшки вечери на поезијата, на најголемата светска поетска манифестацијата која ја промовира моќта на јазикот токму преку магијата на поезијата.
Промотивниот настан е специјално осмислен за оваа прилика, со помош на Здружението Иницијатива за независен културен активизам ИНКА и на Група Њезденскѕ. Овие креативци подготвија уличен перформанс кој ќе ги изненади граѓаните на Струга и ќе ја изнесе поезијата меѓу народот, на улица.
Промотори на новиот број ќе бидат писателите Лидија Димковска и Владимир Мартиновски, како и првата Македонка – подводен археолог, Валентина Тодороска, членка на здружението „Сороптимист“. Токму преку ова здружение, продавачите на „Лице в лице“ ќе имаат полесен пристап за продажба на магазинот во компаниите кои се лоцирани во Охрид и во Струга.
За публиката која ќе покаже интерес да рецитира поезија на самиот настан, следуваат подароци „поетски маички“, кои ќе се делат на самата промоција, по изведбата на перформансот.
OhridNews