Во струшкиот хотел „Дрим“ пред македонската тренерска елита беше промовирана книгата за Светлана „Цеца“ Китиќ чиј автор е долгогодишната соиграчка и уредник српскиот спортски весник Журнал, Светлана Вујчиќ.
Вујчиќ книгата за најдобрата светска ракометарка ја има пишувано повеќе од 13 години во соработка со Китиќ. Во книгата е опишан нејзиниот спортски и приватен живот кој во поранешна Југославија бил неисцрпна тема за новинарите.
– Не е доволно една книга за да се опишат нејзините успеси на спортски план, нејзината желба и љубов кон спортот, нејзиниот живот и патешествието низ него. Во соработка со неа 13 години склопувавме дел по дел од книгата за да ја промовираме секаде низ Балканот. Таа беше врвен спортист и многу сум горда и почестена што имав таква соиграчка, а пред се другарка до мене. – рече авторката на книгата, Вујчиќ.
Пофални зборови за книгата, авторката и Китиќ имаше селекторот на женската репрезентација на Србија, Саша Бошковиќ. – На секој спортист искрено му посакувам ова што го доживува Китиќ во моментов. За твоите успеси книга да пишува некој твој соиграч и тоа да го промовира на секаде.
Тренерот на голманките во српската ракометна репрезентација, Драгана Ѓуриќ ја посочува за пример Китиќ кога треба да се говори за успешна ракометарка од светски рамки.
– Таа тогаш имаше нешто што никој не го поседуваше. Отскокнуваше на теренот и ја правеше разликата меѓу двете екипи. Китиќ беше голем спортист, а уште поголем човек затоа нејзиниот успех е многу поголем. Мене лично многу ми е мило што сето тоа го има во книгата и ќе остане да се памети засекогаш. – додаде Ѓуриќ.
Со селекцијата на Југославија, Китиќ во 1984 година на Олимпијадата во Лос Анџелес го освои златниот медал, а четири години претходно во Москва се закити со сребрениот медал.
Михаил Постоловски