Проблемите кои ги создава сивата економија во целокупните општествени текови во Република Македонија, како и можностите за надминување на овие проблеми, беше една од темите за кои се дискутираше на „Конференцијата за влијанието на финансиската криза и на сивата економија во државите на ЕУ“ што се одржа вчера во Струга.

Оваа конференција, која ја организираше „Центарот за истражување и креирање политики“ од Скопје, „Фондацијата Конрад Аденауер“, „Вилфред Мартенс центарот за европски студии“ од Брисел и Факултетот за Социјални студии на Универзитетот „ФОН“ е дел од низата на настани кои се одржуваат во рамки на проектот „Европски политички дијалози“.

Проф. д-р Мирко Трипуноски, Декан на Факултетот за економија при Универзитетот „ФОН“ од Скопје, во своето излагање пред присутните истакна дека за да се надминат штетните влијанија од сивата економија потребно е стратешко дизајнирање, истражување, предвидување и креирање на сериозен и посветен процес на идно планирање на економските текови.

-Без реална рамка и без реална слика што понатаму и како треба тоа да се направи, не можеме да го најдеме патот кон вистински излез од кризата. Вредностите на секое општество се одредуваат според капацитетот и применувањето на вистинското учење за економските текови и тимската работа во нив, со цел да се создаде знаење, кое е потребно за спроведување на обуки во делот на индустриските иновации, со цел да се зацврстат надлежностите и целосно да се евидентира Бруто домашниот производ. Ако го евидентираме целосно, тогаш го гледаме богатството на државата и ги гледаме елементите на раст и развој, рече Трипуноски.

Тој нагласи дека за да се помести процесот од мртва точка, основно прашање кое треба да се постави е уште колку време нашето општество ќе може да си дозволи да ја одобрува сивата економија, процесот на затајување на даноци и нема да ги евидентира сите произведени и продадени стоки.

Свое излагање пред присутните имаше и Руслан Стефанов од „Центарот за проучување на демократијата“ од Софија, кој ги презенираше податоците за движењето на сивата економија во Бугарија, посочувајќи ги основните проблеми кои ги предизвикала Глобалната економска криза која ги зафати земјите од Европската Унија.

OhridNews