Коалицијата на невладини организации СЕГА, во рамки на проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија“, втора година по ред,во Струга оргазнизира обука за 15 Деца правобранители од шест основни училишта од Прилеп, Тетово, Дебар, Куманово и Кавадарци.

Обуката има за цел да ги едуцира децата правобранители за Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на детето (УНЦХЦ) и да се утврдат начините на соработка, како и функционирање со Народниот правобранител на Македонија задолжен за детските права. Истовремено преку оваа обука, децата правобранители се стекнуваат и со знаења како да ги едуцираат своите врсници за пријавување на прекршување на детските права во нивните училишта. Моделот на дете правобранител кој функционира во 10 основни училишта во Македонија е единствен во Југоисточна Европа и претставува одлична институционална алатка за пренесување на Конвенцијата на Обединетите Нации за заштита на детските права, како и за заштита на детските права во училиштатата.

– Активностите кои ги спроведува Коалицијата СЕГА се со цел да се унапреди и видно да се подобри положбата на децата во училиштето и да се укаже на поголема грижа за нив од страна на возрасните. Преку ваквите обуки сакаме да ги едуцираме децата за нивните права кои ги имаат и да придонесеме кон остварување на тие права во училиштата, вели Зоран Илиески, извршен менаџер на Коалицијата СЕГА.

Во 1993 Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за правата на детето и со тоа се обврза да направи напори за успешно спроведување на обврските од истата, а во 2002 година Р.Македонија стана и потписник на Конвенцијата за забрана и за елиминација на најлошите видови на детски труд донесена од страна на Меѓународната организација на трудот во која беа потенцирани најлошите видови на детски труд и обврските за државите потписнички што треба да ги преземат за спречување на злоупотреба на детскиот труд.

Проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија“, е финансиран од Детската Фондација Песталоци.

OhridNews