Противпожарната единица Струга последниве денови се соочува со енормно зголемен број на интервенции на гаснење пожари, особено на отворен простор.
– Најчесто се палат стрништата со што во опасност се доведуваат и објектите во нивна непосредна близина, куќи, штали, како и спортската сала во Велешта и индустриски капацитети, информира Урим Каба, командир на ТППЕ Струга.
Во месец јули противпожарната единица од Струга интервенирала во 125 случаи од што 79 биле пожари на отворен простор, додека во 4 случаи лажно бил пријавен пожар.
Во првата недела од август струшката противпожарна единица реагирала во 21 случај, сите на отворен простор каде биле запалени стрништа и сува трева.
– За овие намерни запалувања на стрништата на многу пати е известена полициската станица Струга за да ги запрат-откријат сторителите, но од таму се правдаат дека не можат да излезат на терен бидејќи немаат гориво, вели Каба, кој посочи дека за споменатата ситуација писмено ќе биде известена Дирекцијата за заштита и спасување во Скопје.











