Со промоција на „Прогласот“ на Константин Филозоф Свети Кирил до Словените , денес, во катедралната црква Света Софија се одбележаа две децении од воспоставување на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Словачка.

Како што истакна претседателот Ѓорѓе Иванов, во своето обраќање пред присутните меѓу кои беа и градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, претставници од дипломатскиот кор, академици,  и голем број пријатели на двете земји, кажаното некогаш се заборава, но пишаниот збор останува.

Преку писмото ние на автентичен начин им го пренесуваме на идните генерации она што сме го наследиле од нашите предци. Читајќи го „Прогласот“ на Константин Филозоф до Словените сфаќаме зошто тој и неговиот брат Методиј се стекнале со епитетот словенски апостоли. „Без книга, сите народи се голи“, порачува Константин Филозоф.Без писмо народите се ранливи , незаштитени, изложени на бурите на историјата. Прогласот ги буди народите за да им ја подари најголемата сила, најголемата моќ- знаењето, рече претседателот Иванов.

Амбасадорот на Република Словачка, Мартин Безак,потенцира дека денешната промоција е настан со кој дополнително ќе се придонесе кон зацврстување на македонско- словачките културни и национални врски.

Двете држави ги поврзува стремежот за нова динамика во соработката во рамки на европските и евроатланските интеграции. Словачка за неколку недели ќе одбележи 10 години од членството во ЕУ и НАТО. Во многу наврати покажа дека искрено и несебично се залага за успех на РМ во интеграцискиот процес. Нашата поддршка продолжува и понатаму, рече амбасадорот Безак.

Настанот се одржа под покровителство на претседателот Ѓорѓе Иванов, а во организација на министерството за култура, министерството за надворешни работи и амбасадата на Република Словачка во Македонија.

Т.К.
фото: Емилио