Во тек се активности за привремено оспособување на улицата „Прилепска“ за сообраќај чија реконструкција се одвива тековно. Жителите од овој дел на градот во неколку наврати реагираа дека при лоши временски услови и врнежи од дожд ризично е движењето по истата, а сепак за нив е неопходно да можат да стигнат до своите домови. Воедно, изнесоа неколку барања кои ги имаат доставено и до надлежните служби во општината, а истите беа презентирани од страна на советничката на Левица Виолета Аврамоска и пред советниците на вчерашната одржана седница.

„Прилепска“ е улица којашто има проблеми не само сега туку во изминатите 7-8 години наназад поради тоа што истата има несоодветна фекална канализација која создава проблеми по домовите, несоодветна водоводна канализација која предизвикува недоволно снабдување на жителите од тој дел на градот и недоволна патна инфрсатруктура вклучително и кабловски оператори и електрична енергија, посочи Тони Иваноски од Секторот за комунални дејности.
Потенцираше дека одржале два состаноци со жителите пред почнување на активностите и им биле објаснети причините за потребата од целосна реконструкција, но и последиците до кои може да дојде.
Улицата согласно сообраќајниот режим е целосно затворена и она што се случува со автомобилите фактички е неодговорност на граѓаните. Во онакви услови во кои се одвиваат градежните работи нема можност за сообраќај тоа им го објаснивме на граѓаните, меѓутоа во тие 670 метри колку што е забранет сообраќајот и покрај обилните врнежи, сообраќајот се одвиваше и дојде до состојба до која што дојдовме, рече Иваноски.
Барањето од жителите, истакна дека го добил лично преку градоначалникот, а со жителите, посочи, се во контакт и излегуваат во пресрет.
Вистина ситуацијата е таква, меѓутоа општината не седи со скрстени раце. Чекавме времето да се стабилизира колку што е можно во овие временски услови и веќе се започнати активности за санација односно привремено оспособување на улицата за сообраќај. Ситуацијата после оваа санација нема да биде идеална, ќе биде подобрена, меѓутоа треба да сфатиме дека сите овие активности што во моментот се спроведуваат на терен сакаат трпение и носат одредени последици. Искрено очекувам дека до крајот на март ќе имаме комплетно завршена улица со комплетна канализација, со промена на водоводната линија, со кабелска инфраструктура каблирана по земја и електрична енергија која ќе ги задоволува потребите на граѓаните, рече Иваноски.
Н.С.Ј.












